Реал Мадрид обезбеди место во финалето на шпанскиот Суперкуп откако го совлада Атлетико Мадрид со 2:1 на дуелот во Ријад.

Така четврта година по ред ова натпреварување ќе заврши со „Ел Класико“, бидејќи Барселона претходно го елиминираше Атлетик Билбао.

Натпреварот започна со експлозивен старт на Реал, кој поведе уште во втората минута. Федерико Валверде ја искористи слабата поставеност на живиот ѕид и со прецизен удар донесе водство од 1:0. Атлетико реагираше со агресивна игра и создаде неколку шанси, но Тибо Куртоа со сигурни интервенции ја задржа предноста на својот тим до крајот на првото полувреме.

Во вториот дел, Родриго во 55-тата минута мајсторски го контролираше додавањето на Валверде, и го совлада Облак за 2:0. Само три минути подоцна Атлетико се врати во игра. Џулијано Симеоне центрираше, а Александар Сорлот со глава ја затресе мрежата и намали на 2:1. Во продолжението тимот на Диего Симеоне беше поактивен и поблиску до израмнување отколку Реал до нов гол, но немаше сили да ја скрши одбраната на „кралскиот клуб“.

Со оваа победа Реал Мадрид се пласира во финалето каде ќе се соочи со Барселона, во уште едно големо Ел Класико за трофејот. Барселона има 15 титули во Суперкупот, два повеќе од Реал, а во последните три години „блауграна“ славеше двапати, додека „кралскиот клуб“ еднаш. Финалето ќе се одигра во недела и ќе биде нова голема сцена за вечниот шпански дуел.

Следете нé на социјалните мрежи