Ракометниот колектив на Алкалоид, во своето кратко постоење имаше неверојатно успешна сезона зад себе. Сениорскиот тим го освои првиот трофеј, Купот на Македонија, а трите младински екипи ги обединија титулите.

Ова беше поводот за денешната средба со новинарите, на која беа истакнати сите успеси, кои Алкалоид ги направи во сезоната 2023/24.

Од таборот на „фармацевтите“ од Автокоманда констатираа дека политиката на клубот за развој на млади македонски ракометари оди во вистински правец.

„Алкалоид како клуб се формираше пред три години и тогаш го одбравме потешкиот пат, но знаејќи дека тој е вистинскиот.

Се соочивме со доста препреки, но го одбравме македонскиот пат. Решивме да работиме добро за клубот, но и за државата, македонскиот спорт и ракомет.

Се надевам дека ќе продолжиме да растеме, иако знаеме дека нема да биде воопшто лесно.

Македонската ракометна лига расте од година во година, а видовме дека Еурофарм Пелистер, Вардар и Охрид имаа многу странски ракометари.

Ние како клуб со само еден странски ракометар успеавме а бидеме рамноправни и се носевме рамо до рамо со нив“, рече Лазаров. 

Тој посочи дека клубот и во иднина ќе се базира на македонските ракометари и најави за следната сезона неколку ниви ракометари. Кои ќе бидат тие ќе открие клубот во скоро време.

И капитенот Игор Ѓорѓиев изминатата сезона ја оцени како исклучително успешна. Тој потенцирајќи ги настапите на европската сцена и освојувањето на Купот.

„Нашиот тим сезонава го донесе првиот трофеј во витрините на клубот, тоа е Купот на Македонија, успех на кој посебно сме горди.

Игравме и во Европската лига на ЕХФ каде имавме шест квалитетни натпревари со кои стекнавме големо искуство и за нас како млада екипа ќе ни служи многу за наредниот период.

Следната сезона повторно ќе играме во Европа, јас како капитен можам да кажам дека сме задоволни од покажаното и нашето издание. Наша главна цел е да играме добар, пред се европски ракомет и со тоа да ја радуваме нашата Македонија“,

истакна Ѓорѓиев.